АНТИКВИЗАЦИЈА

Сподели

За антиквизацијата (антикваризација – заштита и вреднување на старините, антиквестација – потрага по старините) тој лошо искомпониран термин, има многу малку познавање и разбирање од интелектуалната елита која го произведе, а за која елита знаеме дека главно орбитира околу левицата, и која е длабоко политизирана. Таа политизација оди до нивоата на еден тоталитаристички Агит–проп манир, при што протагонистите остануваат глуви за било каков тип аргументација од страна на опонентите и од стана на независните и политички непрофилирани слободни мислители.

Сепак тие (изумителите на терминот антиквизација) не сфаќаат дека се легитимираат како прилично наивни идеолози, западнати во псевдо интелектуални и опортунистички игри кои нема да резултираат со посакуваниот исход. Тој исход за нив е повторно здобивање на власта за чија ефемерна сладострасност се спремни да поднесат најнедостоинствено девалвирање на нивниот и онака сомнителен морален идентитет. Творците на овој конфликт треба да соберат доволно сили за да се соочат со својот оксиморон.

И не само со својот терминолошки оксиморон туку и со нивната наивна и неинтелигентна политичко – идеолошка стратегија. Како прва и најфатална грешка на нивната проценка во однос на методологијата на политичката критика е нивното несмасно имплицирање на културолошките проблеми со дневната политика, а пред се со нивната огромна глад по владеењето. Проблемот на идентификација и истра- жување на еден историски период е пред се во надлежност на историчарите, историчарите на уметност, антрополозите, генетичарите и археолозите, а најмалку на политичарите.

Но не поради ексклузивноста на експертите, туку поради тенката едуцираност на политичарите во суптилните и комплексните сфери на овие прашања. Така во виорот на политичката борба за власт можно е да се појават непроверени и лошо компонирани тези и ставови кои не само што го дискредитираат политичкиот процес, туку го дискредитираат

професионалниот и експертски еснаф компетентен да се изјаснува по овие прашања, но и да ја девалвираат воедно целата македонска интелектуална сцена нудејќи вака површни и неточни претстави.

Дали интелектуалната перјаница на левицата разбира дека со вакво самоуверено, а некомпетентно и неточно пласирање на тези си нанесува огромна штета и на својот авторитет и на авторитетот на самата левица. Тезата за антиквизацијата има неколку потконтексти и ја одразува целата малициозна инсинуација кон десницата и кон обидот да се реставрираат и евоцираат одредени буржоаски вредности кои или не биле создадени во нашата култура, или сме ги загубиле при комунистичкиот редизајн на естетските вредности од минатото. Во контекст на антиквизацијата тие критики се однесуваат на анахронизмот, митоманијата, помпезноста и кичот, провинционализмот и узурпирањето на вредностите на друга култура со што застануваат на иста линија со критиките на официјалната грчка политика. Во овој последен потконтекст критичарите на ткн. антиквизација го легитимираат грчкиот став за крадењето на културите вредности од античкиот период од страна на „македонскиот“ народ и дека тие вредности се исклучиво грчки.

Ваков пристап во многу европски и светски општества би бил проценет како парадоксален и во најмала рака апсурден, пред се земајќи го во предвид ноторниот факт дека една култура како што е античкиот период кој има цивилизациски конотации не може да биде брендиран од еден етнос, па колку и да е многуброен, а камоли од еден мал балкански народ (10 милиона сосе малцинствата – што не ги признава) кој своето брендирање го добил пред не повеќе од еден ипол век и тоа од страна на големите западноевропски сили.

Денес Балканот кој и не е помеѓу најголемите и најзначајните (во геополитички смисол) региони во светот е населен од многу мали народи кои своето конституирање го иницирале во средината на 19 – тиот век кога почнуваат да попуштаат кохезивните структури на Австро-унгарската и Турската империја. Од друга страна античкиот свет во кој опстојувале и гаснеле многу кралства и империи оставил свои реликти низ целиот Балкан и го претворил во една од најинтересните археолошко – историски региони во светот.

Сите народи што живеат на Балканскиот полуостров имаат право да го негуваат културното наследство од нивната територија и имаат право да градат восхитувачки и идентификациски релации со одредени личности и култури кои ги сметаат за свои. Овој доблесен и емотивен однос кон вредностите од минатото е право на народите и групите загарантирано со корпусот на човековите права на највисоко планетарно ниво. Нападот со “антиквизацијата“ е насочен кон исмејување, вулгаризација и дискредитација на овие човекови права.

Такви напади како што е “антиквизацијата“ (како идеолошка предигра) ме потсетува на времето на сталинизмот.

Всушност кога тој термин – антиквизација (автентично – антикваризација) се појавува на европската сцена како културолошки феномен?! –Тој феномен има долга традиција во европската културна историја и се појавува повеќе пати – прво како борба помеѓу христијанскиот сентимент и античката традиција, а подоцна како културолошко и цивилизациско движење. Со една таква “антиквизација“ – интерес за антиката почнува и ренесансата во XV – от век во Италија и наскоро станува пан-европско движење.

Основната карактеристика на ренесансата е реактивирање на античките културни и цивилизациски вредности. Во времето на деконструкцијата на големата француска монархија се појавува една нова “антиквизација“ – тоа е интересот на француската буржоаска интелектуална елита за античките вредности, овој пат и во морален смисол. Уметноста на класицизмот на Жак Луј Давид – директно инспирирана од античките скулптури и релјефи го потиска жовијалниот рококо на Буше или Фрагонар (од ерата на Бурбоните).

Хенри Фисли ќе нацрта алегорија за тагата на современиот уметник (од крајот на 18 – ти и почетокот на 19 – ти век) кој безнадежно клечи пред гигантската нога (до глуждот) од скулптурата на античкиот уметник кој располагал со совршени знаења и инспирација – моќи кои не можат повеќе да се достигнат. Во тоа време Рим е културниот епицентар на Европа, тогаш и таму Гете доби инспирација за своите најзначајни дела меѓу кои е и „Фауст“. Тогаш целокупната европска културна елита се среќаваше во “антиквизираниот“ Рим занесена до мистички транс од возвишените вредности на антиката.

Токму тој восхит од антиката доведе и до интерес на европските центри на моќ за Балканот. Резултатот на тој интерес е и брендирањето на грчката држава како наследничка на античка Грција, иако самите Грци кога се здобија од Султанот со своето мало Атинско кнежество, во амбицијата и ентузијазмот за создавање на една нова “нација“ повеќе сакаа да се повикуваат на ромејскиот народ – народот на Византија (поради христијанската традиција преземена и презервирана од времето на пред османлискиот период; додека Грците и антиката им беа пагански – неприфатливи)…

Во времето на просветителството (време восхитено од антиката) христијанските вредности (пред се од инквизиторски тип) трпат општа ерозија, а општествата забрзано се секуларизираат. Најсилен и највосхитувачки вредносен систем на оваа секуларизација на општеството е токму фасцинираноста со античките вредности, пред се во естетски смисол.

Европските градови од тоа време почнуваат да добиваат градби инспирирани од античкиот Рим или Атина. И овој тренд во архитектурата трае се до Првата светска војна 1914 па и по тоа, водејќи борба уште неколку декади со шокантноста и непредвидливоста на модерната. Но дури и во аутистичките и шизофрени “идеали“ на модернизмот (низ ракурсот на буржоаските стандарди) кога со сите сили се удира по „ретроградниот“ реализам, се случува мала перверзна „антиквизација“ во редовите на авангардата и тој заговор влегува на малата врата на надреализмот пред се низ зачудените дела на Салвадор Дали, Макс Ернст, во делата на „метафизичарот“ Де Кирко или пак во неокласичните епизоди на Пабло Пикасо. Социјалистичкиот реализам кој како ретрогарда се појави со сталинизмот, во еден од своите естетички слоеви (во хартмановски смисол) ја имаше „перспективата“ на антиквизацијата. Тоа е оној монументален замав така карактеристичен за античкиот стил. Таа апотеоза на човекот и природата. Тој идеализиран реализам чии корени допираат до древниот Египет.

Кога европската буржоаска култура доминира со новосоздадените држави и народи на Балканот, се случува една турбо – антиквизација. Сепак овој тренд не може до крај да му одолее на сеприсутниот трибалистички фолклор па добиваме една чудна евро – ориентална антиквизација во која балканската буржоаска елита ја живее својата „ренесанса“.

Таа „ренесанса“ се одрази во балканскиот просветителски период и во таканаречениот „Илирски покрет“ кој всушност беше еден вид романтично – антиципаторски план за создавањето на државата на јужните Словени (во тоа време – почетокот на XIX век, Словените беа нарекувани Илири).

Многубројните институции во социјалистичкиот блок го носеа името на Спартак (антички херој – водач на востанието на робовите против римската тиранија). И тоа е еден вид навраќање на минатото. Во времето на „револуционерната“ постмодерна се случија одредени поместувања на италијанската уметничка сцена со појавувањето на анахронизмот. Овој дежа-ви нов правец на европската уметничка сцена ја предизвикуваше веќе истрошената модерна со својата ригидна „антиквизација“.

Опстојувањето, па дури и комерцијалниот успех на анахронистите не покажа само дека „догматизмот“ на модерната е веќе минато и „се проаѓа“, туку и дека магичните моќи на „антиквизацијата“ се постојано тука, тие молчат, се прикриваат и едвај чекаат да се нафрлат врз нашиот буржоаски либидо. Кога и да се појави желбата за граѓанските вредности преполни со рафиниран и дискретен шарм.

Александар Станковски


Сподели