Бајачки и кушачки запишани од Марко Цепенков

Сподели

БАЈАЧКИ И КУШАЧКИ

1. Во селата кога ќе дојдит кукајцата, сопрво на некое гранче ќе застанит за да кукат. Кое момче или мома ќе ја видит сопрво, ќе се качит и ќе го скршит тоа гранче. Со тоа гранче момата ако имала милос на некое момче, ќе појдит и ќе го буцни; од тој час ќе ја посакало да ја земит за невеста. Друг марифет имало во тоа гранче: гранчето да го носит една мома, или да си го разделат поеќе моми, да си го носат в пазуа, ќе знаеле да везат секакви лози и друзи цвеќа на кошулите си. Ама се сакало да се заречат во
овие зборои:
– Како што знаит кукајцата сама да си иди од друг виљает у нас без да и кажит некој, така да знаиме и ние да везиме без да ни кажит некој. Некој ерген ако ја сака некоја мома и таа да го неќит, штотуку да ја буцни со гранчето, и веднаш ќе го сакала.

2. Да ватиш една тресопатка (едно врапче што оди крај малите реки и се рани со црвчиња. Тресопатката е бела и црна и се едно ја тресит опашката). Откоа ќе ватиш една тресопатка, да ја заколиш и да ја клаиш во масло, да стоит четириесет дни, после да ја изваиш и да ја чуаш. Некое момче што да ја сакат некоја мома, а момата ако го неќи, нека ја земи момчето тресопатката и нека му најди колајо на момата да ја чадрни само малку со тресопатката, без да го види момата, и да речи:
– Како што ја тресит опашката тресопатката, така да се тресит по мене девојката.
Рече ли така некое момче али мома на момчего, свршена е работата, и ќе се земат.

3. Која жена сака да си го сврти мажа си на незинио ум, ќе земела весот од мажа је и ќе го клаела на една елемија, та ќе го завртела со елемијата околу наоколу, до три пати, велејќум:
– Како се врти весов на елемијава, од мажа ми така да му се сврти умо на мажа ми по мене. Така да речеле до три пати и беше, ќе му се свртел умо и ќе си го водела за нос као мечка.
а) Коа ќе му ја даела кошулата и гаќите на мажо, требало да му ја даит свртени наопаку, за тој да си ја свртит на лице; и штом ќе вати да ја врти, да речела жената тајно:
– Како што ја врти мажот ми кошулата и гаќите на лице, така да се свртит со умо кај мене.

4. Кога да се забаит на некоја жена мажот је на туѓина, ќе му наполни гаќите со слама и ќе ‘и пречекори на една греда, како коњ ѓоа да вјава, и ќе речи:
– Како што сет вјавнати гаќиве на гредава, така да вјавнит мажот ми коњ и да си дојди од туѓина.

5. Кога бев дете, ме пушти една жена де је кунам за пет пари бесни бубалки. ‘И турив во дивитчето во муреќепо и со тој муреќеп му пишав книга за на мажа је за да си дојдит од туѓина, ја посоливме книгата на писмото со трошка земја од мравјалник и кога ја пишуав, ме натера да речам вака:
– Како беснат бубалките, така да беснеит домаќин ми и да си дојде дома.

6. Да се замилуат маж и жена ако се многу лошо скарани и не живеат. Да најдиш две буби што биле завиени во еден кожурок, ама да бидат глаа со глаа во кожуроко, оти има едни едната со глаата, другата со опашката; таквите не биле за лек, ами глаа со глаи да биле, тие вршеле работа. Таквие буби глаа со глаа се наоѓаваат у жените што ранат буби и ји точат кожурците да вадат коприна. Штом најде таквие две буби, испечи ји и истолчи ји и со прао на бубите нека го посоли жената мажо кај што спие, али мажо да си посоли жената; и не одело до три дни, ќе се замилуале од мерата надвор. (Као не најдов таквие буби за да ‘а посолам жената за да ме милуа, чунки откоа немам пари, ич не ме милуа.)

7. За да се милуаат два брата, али сестри, од една мајка родени, требало да се облечат во една кошула што ќе се промени првото дете; демек олур, мајката треба да ја чуа првата кошула и секое дете што ќе му се роди со неа да го облечуа. Ете од тоа било непендек да се милуаат браќа и сестри. (Као не знаев коа ми се роѓаваа синои ми да ји облечам во една кошула за да се милуаат и да не се пизмат.)

8. Кога ќе се променит чоек со нова кошула, требало да плукнит во неа за да се расипит некоја маѓија ако би да имало сторено во неа, или некоја друга ѓаолцка превара.

9. Откоа ќе ја дочешла некоја мајка ќерка си, требало да речит вака: „Удолу коса, угоре мома.” И да ја потргрнит за коса надолу, та од тоа било непендек косата ќе му растела надолу, а момата ќе растела нагоре.

10. Пес кога да вие во некоја куќа како волк, ќе било за да умрит чоек во таа куќа или во комшиите. Сопрво кој ќе го чуе за да вие, требало да речит:
– Ви де, ви, да би глаата си ја извил, да би!

11. Ако умри некој стар чоек, али некоја стара жена, невидени од луѓе и го најдат умрен или умрена, соустата отворена и со очите, тоа било нишан оти ќе се свапиреле. За да не се свапирел чоек што умирал невиден, требало прво да му се удри една изгорена игла тутунарка во папоко и да му се клаит во џебоите по една рака просо и после да му се речи:
– Коа ќе го изброиш просово, тогај да станиш свапирен у нас. Штом така да му се речело до три пати, немало да се свапирел, или ако се свапирел, не идел во таа куќа за пакос да му праит.

12. Некој болен чоек ако кивни, чекај го да оздрави. За побрго ако сакаш да оздравеј, на часо скини му едно влакно од глаата и врли го в оган да изгори велејќи:
– Како што изгоре влакното в огнот и го снема, така да ја снема и болеста од Петка али од Рајка.

13. Коа ќе видиш некој болен чоек да лежи в постела, треба да речиш машала, машала. Од бргу оздравен накој болен чоек, бидејќи ќе биди многу слаб, кога ќе го видиш сопрво, треба да речиш машала, машала, да не му се очи.

14. Чоек што да има на раце или на нозе или на глава мртва коска, да је каснело до три утриње во недела пред сонце некое дете посмртче и да речит:
– Како што немам татко, така да ја нема мртвава коска. Од тоа загинуала.

15. Брадаиците излегуале по рацете и по нозете од броење ѕвездите ѓоа. Лекот му бил да ‘и броиш колку сет брадаиците и да ‘и нарежиш на една лескоапрачка и да ја клаиш в тланик за да се сушат. Катаутро да бришиш по една решка и ќе гинело по една брадаица.

16. За заушка кога да изваит некое дете, има луѓе без билка што знаат да ја оздрават.
Ќе напишат некој што ѓоа знаит – на некое парче книга нешто писма, и ќе му ја залепит.

17. Кого го болит глаа сеедно, на Велипеток да сеизмие и да речи:
– Како што умре Ристос денеска на крс, така глаата да ми биди како умрена и болештина да не сеќаа.

18. Пес кога да напраи загреби наземи, ако видиш, да ‘и плукниш, оти ако не наплукаш
и да ‘и стапиш,сета снага ќе се исполни со загреби (црвени панџи,зрнца да те јадат).

19. Кога ќе се чешлат некој, уште неклаен чешело на глаа, ќе го укнит три пати за да не му се сторат струпје. Да оздравеиш јачменчок од клепките на очите. Еве како го лекуаат бабите јачменчоко; ќе го натерат тој што има јачмечок да заколи една црна кокошка и да земи едно парче од црево, али срце, али друго нешто, што неќит да го јадит и да го удрит од јачменчокот на клепката, да го врлит во некоја џамија, или незнаен гроб, велејќи вака:
– Како што неќум да јадам од цревото (али од другото), така да неќум да ми излегуаат јачменчоци.
Едни велат и вака:
– Како што не знам кој ја праел оваа џамија, али како што не знам кој лежи во овај гроб, така да не знам коа ќе ми оздрават јачменчоците али јачменчокот од окото. Чунки ќе се заречит да не јадит од цревото али од друго нешто од кокошката, не треба да јадит од тоа нешто дури је жив, оти ако јади, па ќе му се повтори јачменчокот да му излегуа.
Едни се заречуаат да не работат во петок, друзи да не му се шие алишта во петок; друзи глаа не чипало да се миет во петок, али во торник, ако е заречен.

20. Баење за од желки. Коа да му кушаат едни кушачки на некој луѓе, али за од надворештиње, ‘и носат по турцките гробишта на некој незиаен гроб и при друзите зборои што ќе ‘и вели кушачката шепотејќи, ќе речи со јасен глас, да чуе болнио али болната вака:
– Како што не знам што има во овој гроб, али машко, али женцко, така да не знаи (Цветко или Петко) од болеста што ја имаше.
Велат и вака:
– Како што не знам чи ет овој гроб, така да не знаат Цв. или Рум, од таа болес што ја имаше.

БАЕЊЕ СО ЈАЈЦЕ ОД ШТРК

Во град Битола има едни жени што бајат со од штрк јајце за секакви болести,
а најповеќе за да одвртат маж од жена,
ако се мераклаисал во некода друга жена и си ја ненавидел својата.
Еве како ќе му бајат со штрковото јајце.
Ќе го скршат по наполу,
ќе му ја одделат жолчката од белката
и ќе ја испечат жолчката на кацијата многу,
што дури да се стори како кремен;
после ќе ја истолчат во еден аван дури како прав да се стори.
Тој прав ќе и го дадат на жената што ја нејќе мажот и,
за да го накрми:
ќе му зготви жената една пресна риба за вчера и со правот од штрковото јајце ќе му ја посоли без да знае тој.
Kогa ќе и го соли правот на рибата, ќе вели вака:
„Како што се тресе рибата со опашката кога да лета низ водата,
така да се тресе момчето мое по мене;
и како што бега штркот од својот вилает и си иде у нас,
така, Боженце мило, да бега момчето мое од свињската ќерка што го лаже да оди кај неа”.
Ако не се сврши со накрмувањето од жолчката од штрковото јајце,
друго баење ќе му баат бајарките со лушпите од јајцето.
Ќе ги носат сироти невести што не си ги милуваат мажите,
кај кривата воденица
и ќе им налеат вода со лушпите од јајцето,
та ќе му ја натопат кошулата од мажа и и нејзината со вака велење:
„Како што се врти колцето од воденицата,
така да се сврти,
Боженце златен,
момчето и на оваа невеста откај таа свињска ќерка што го лаже и го мами.”
Баењето со лушпата од јајцето штрково најарно ило да сврши, работа,
било за врзани,
било за мераклак што се мераклисал маж по друга жена или
жена по друг маж
или момче по некое девојче или
девојче по некое момче.
Најарно било за Величетврток да има јајце штрково и тогај да се одело кај кривата воденица и тамо да им забаела бајарката,
така едно со едно ќе му се одврзела маѓијата и ќе се замилуваат мажот и жената
уште поарно откако што си живееле напред;
а таа свињска ќерка или свињскиот син,
што го лажел или го лажела,
ќе нејќат да се видат со очи ,
до толку ќе им ја одврати бајалката милоста што се милувале на мераклак.
И во друг ден бидувало и дома да им бае бајарката со лушпата од штрковото јајце,
ама вода ќе донесат од кривата водeницa и со таа вода ќе баела бајарка, за да одврати секаква маѓија.

БАЈАЧКИ ОД БАБА ПЕТРА

На баба Петра кога ќе и дојдеше некоја жена да и бае на некое дете,
ќе го пречекаше со овие зборови:
„Добре ми дојде, сестро!
Како ти го викаат детенцето?
Што му е нешто?
Да не ти е болно?”
„Коне ми го викаат, бабо Петро,
туку ми е болно од уроци:
ти се молам да му забаеш”,
ќе и речеше жената.
Ке му речеше баба Петра –
„Еве го Коне кај иде кај баба Петра,
за да му забае (крст на глава, крст на чело до трипати ќe му направи со рака)
и го срела убава Богородица на патот,
та го праша:
Кај ми одиш, чедо Коне, вака невесело?
Кај баба Петра одам,
Богородице мајко,
за да ми забае да оздравеам,
оти баба Петра имала сребрено метленце,
со него ќе ми ја измете болеста,
ќе ми ја издува од врв глава до петици,
од очи и образи,
од уши и уста,
од грло и јазик,
од заби и машлец,
од јагрци и непца,
од под јазик и грклан,
од џигер и срце,
од цревце и од газече,
од тилот и од раменици,
од плешки и половина,
од слабиње и бутови,
од ципи и прасенца и петици,
од раце и дланки,
прсти и нокти,
од нозе,
од стапала,
прсти и нокти,
од уроци што виделе лоши очи,
од трески и огневи,
од сите лоши нагазувачки.
Да ми оздравееш, чедо Коне,
од жилни болести и од сите зглобови;
болеста да излезе и како топка да се збере,
да се отркали од некоја вишина на некое удолниште,
да се стори парче по парче;
само да земат орли,
врани и црните гарвани,
да ја разнесат во гори зелени,
пусти пустелии,
кај што човек не појдува,
кај што секира не сече,
кај што овца не блее,
кај што петел не пее,
кај што куче не лае,
така од Конета болеста да појде и назад веќе да се не врати.
Поможи и ти,
убава Богородице,
да му се одимне болеста од малечок Конета.
И ќе му дувнеше три пати во лицето:
„пуф,пуф пуф”
и ќе го испратеше.

БАЕЊЕ СО КОЛЦЕТО НА КРИВАТА ВОДЕНИЦА

Над градот Битола, колку саат и пол, има една воденица од десната страна крај патот, кога да одиш за во Магарево.
Таа воденица ја викаат крива воденица.
Водата што го врти колцето од таа воденица и колцето што го врти водата што тече низ циунот за голем лек се за битолчани (најповеќе за жените).
Од ден Величетврток ќе зафатат да одат кај кривата воденица битолчани и од селата, да се мијат од водата и да се вртат на колцето, до ден Спасовден.
Најарно било, во трите Величетвртоци да одат за да се мијат тие што имале најлоши маѓии.
И во друзите дни чинело да одат и да се мијат за здравје, ама како што било арно во трите Величетвртоци, не било толку многу арно во друзите дни.
Од ден Величетврток кога ќе зафатат луѓе да одат – асли како на некој манастир;
не само болни одат, ами и здрави:
болните одат да се мијат да оздравеат, а пак здравите – да не се поболат.
Тие што се многу маѓепсани, што им се кажало на книгите,
ќе му дадат некоја пара на воденичарот и ќе влезе болниот или болната под воденицата, та ќе седне на колцето и ќе се фати за вретеното со обете раце,
и ќе го пушти циунот воденичарот да го врти водата колцето, не како што го врти секогаш, ами наопаку.
Да речеме, ако се вртело колцето надесно, да го заврти тогај налево, чунки така било непендек.
Кога ќе се врти колцето, жената ќе си вели сама со себе:
„Како се врти колцево од воденицава, така да му се сврти умот на мажа ми
(или на жената), да ме сака и да ме милува”.
Така ќе рече до трипати и ќе слезе,
та ќе се измие од водата што тече под воденицата.
Ќе натопи две кошули со вода:
едната нејзина, другата од мажа и,
и ќе му ја даде на мажа и да ја носи.
Без да знае мажот и оти е натопена со водата од под колце.
Така и жената ќе си ја облече и ќе ја носи до четириесет дни.
Ете од тоа било непендек да се расипе маѓија.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ


Сподели