Волшебна Македонија (седми дел) За народната Баба Марта и древната КСАНТИКА

Сподели

Фељтон на ЛОЗА: Волшебна Македонија

пишува: м-р Никола Ристевски

Баба Марта

Нашата Баба Марта и обичајот да се плетат црвено-бели мартинки за плодност, здравје, среќа и „против уроци“ се адет останат од древни времиња. Црвеното како симбол на земјата, белото на небесата, се преплетуваат конци за да се испратат молитви, како кон небото, така и кон земјата. Верувањето е дека треба да се носат до крајот на месецот или додека оној што ја носи не види штрк. Простено на Прочка, преку Баба Марта до Младенци, Лазарова Сабота, па Светото Благовештение (зачнувањето на Девата од Светиот дух – за да го роди на Божиќ девет месеци подоцна), Цветници, па сѐ до Велигден – „Црвено, бело, здраво и живо“ – за убаво.

Првиот официјален ден на пролетта во северната хемисфера, пролетната рамноденица, е ден кога она што го дефинирале како замислена земјина оска стои мирно, сонцето изгрева точно на исток, а заоѓа точно на географскиот запад. Equinox (рамноденица) доаѓа од латински и значи еднаква ноќ.

Сепак, ние, луѓето, немаме доволно развиена свест за јасно да го почувствуваме овој космички баланс, бидејќи поради гравитацијата, половите се движат во Ѕ форма – циклус од 18,6 години (Њутн, 1687г.) околу „замислената оска“, при што доаѓаат на својата почетна точка секоја „голема“, односно т.н. Платонска Година – на секои 25 776 човечки години, сѐ уште несфатливи за човечкото око. Затоа во неколку култури е зачувано преданието дека на рамноденица „јајце може да стои мирно исправено, без да паѓа“. Линеарното пресметување на времето е конфузно, и го сопира денешниот ум во обидите да разбере како тоа древните народи низ целиот свет го пресметувале времето преку циклуси. Пролетната и есенската рамноденица, заедно со двата солстицији (најдолгиот и најкраткиот ден во годината) биле четири важни маркери за многу древни народи.

Преданијата низ целиот свет говорат како старите Богомили (со календар од десет месеци) го празнувале денот на пролетта во месецот Мар чијшто симбол бил Му (Сонцето). Во Иран, исто како и кај нашите Турци дервиши, се слави Султан Невруз, празник со длабоки корени во суфизмот, од древна Персија па до ден денес – што буквално значи Нов Ден – и нивната Нова Година почнува на пролетната рамноденица. Во Ирска, денот на Свети Патрик, симболот на земјата, се слави во истото време – митолошки претставено преку приказната како Свети Патрик ги избркал змиите од Ирска. Во Русија сѐ уште постои фолклорната реминисценција на празникот Масленица, симбол за враќањето на светлината и топлината, приближно славен седум седмици пред Велигден, последни „мрсни“ денови пред постење. Многу од „годишните“ богови на минатото – Атис, Адонис, Озирис, Дионис, се раѓаат и умираат секоја година. Секој од овие е син на Креаторот и жена „обичен смртник“. Народите коишто ги славеле (во некои случаи и со принесување на жртви) биле спасувани од овие божества кои, всушност, ја претставувале вегетацијата што умира секоја есен, за да се роди одново на пролет. Римјаните ја славеле Ц(с, к)ибела. Овој период содржи празници посветени на сите досега забележани божици Мајки – Астарта, Изис, Афродита… Божицата се појавувала расцутена, преку листовите на дрвјата, садењето на новата сезона, парењето на птиците, преку раѓањето на млади животни. Meѓу луѓето, време е за садење – така народот бил сигурен дека животот продолжува. Едно од седумте светски чуда, храмот на Артемида во Ефес, посветен токму на истата Женска енергија на Создавањето, бил запален од некој лудак, точно на денот кога се родил Александар, синот на Филип и Олимпија. Плутарх пишува дека „божицата била премногу зафатена со раѓањето на Големиот Александар и немала време да го заштити храмот“. На главната пирамида на Маите во Чичен Ица, Мексико има четири низи скалила коишто се протегаат од врвот до дното на лицата на пирамидата и се познати по крвавите човечки жртвувања, коишто се случувале овде. Скалите биле изградени по совршено прецизен агол така што точно во моментот на рамноденицата да изгледаат како огромна змија која се спушта удолу по пирамидата. Нивниот календар е познат по тоа што последната дата му е зимскиот солстициј, оваа година – 21 декември. Евреите го напуштаат Египет, преминуваат море на Пасха во месец Нисан – месец Ксантика. Клетвата за да умрат првородените и празниците за подготовка за Пасхата започнуваат кога преку Мојсие им било наредено да заколат и изедат јагне, а потоа да ги напрскаат влезните врати со крвта, за да кога ќе ја видел крвта, ангелот на уништувањето да премине преку нивните гревови – тогаш започнува и Ксантика – во нивниот календар Нисан, првиот месец. Симболиката на Пасхата е прочистувањето, одењето во „куќата“ од врв до дно. Во Елевсинските Мистерии, владетелот на подземјето Ад, ја мами Персефона преку реката со шест зрна од калинка, па откако мајка ѝ се договорила со господарот, било решено таа да поминува пола од годината во адот, а пола на земја – за да може земјата да дава плод. Во мистериите на Бахус (Дион), исто така имало празнувања на пролетната рамноденица. Рамноденицата ја гледаме во мистичните антички преданија насекаде исто – симбол на Новото, токму почнато, Ново Време.

Во древниот македонски соларно-лунарен календар го има месецот Ксантика, за празнувањето на деновите на пролетта. Најстар наведен извор е Хесихиос од 6 век пр.н.е., којшто ни пренел дека „Ксантика била славена од луѓето коишто живееле на север од Олимп, и тоа празнување било воздигнато од силни емоции што биле тешко разбирливи за останатиот антички свет“. Диодор Сицилиски во четвртата глава од 18-тата книга пишува за присутните закони на Филип и Александар и за месецот Ксантика. Александар Македонски тргнал во големиот поход кон Азија на – Ксантика. Македонската Фаланга пред секој поход имала ритуал ист како славењето на пролетта, со додадени мистични симболики за прочистување на армијата – ритуално се прочистувале преку растргање куче (кучка, волк, волчица) на две половини – претпазливост од раскол (schism).

Во Стар Завет, Втора Книга Макавејска – 11:30 „Затоа на оние што ќе дојдат до триесеттиот ден од месецот Ксантик, им ја подавам мојата десна рака за да им ја потврдам нивната безопасност“ 11:33 „Бидете здрави! Во сто четириесет и осмата година, на петнаесеттиот ден на месецот Ксантик“ 11:38 „Да сте живи и здрави!“

Македонската династија на Живи Господари во Египет, Птоломеидите, ја носеле Црвено-Белата круна како симбол на спојувањето на Горен и Долен Египет, во којашто биле собрани „двете дами“ – змијата и птицата.

Професорите Тентов и Бошевски според нивното дешифрирање на средниот текст на Каменот од Розета, велат дека рамноденицата, пресликана преку денешниот празник Младенци (симболика со бракот на Небесните татко и мајка), е денот кога, откако Воо – Небесниот Татко, Творецот, го создал универзумот, ја создава Мо – Големата Мајка, Небесната Мајка, Големата Мајка Змеј. Заедно имале дванаесет деца богови. Мо ја претставува секоја година, Зее (младата месечина) го претставува месецот, а Не (врховник, титула, врв) – денот. Ташко Белчев, во своето дело: „Орфеј – Горпеј“ се обидува да оживе мит за богот Македон и Ксантија, а професорката Ангелина Маркус издаде книга „Ксантика – древно македонско празнување“Паскал Камбуровски напиша: „Празнувањето на Ксантика се одвивало цел месец. Ксантика се славела спонтано со невиден ентузијазам како празник на пролетта, цвеќината, убавината и надежите, а првенствено како празник на душите, што ја симболизира доминацијата на разбудената пролетна светлина над темнината и злото во природата и човекот. Ксантика е празник во којшто Македонците верувале дека се случува ’измивање на душите‘ и простување на гревовите.“

Современите меѓународни експерти за Македонија – Јуџин Борза и Николас Хамонд наведуваат дека на овој празник на пролетта, древните Македонци искажувале почит не само кон животот одново почнат на Земјата, туку и кон нивните предци, така што освен културните и спортски манифестации, во древна Бела (Пела) се изнесувале дијадемите, дневниците, и останатите трофеи од сите починати цареви. Датата на рамноденицата се определувала на Кокино, кое според NASA е една од петте древни мегалитски опсерватории во светот, пред повеќе од 4000 години…Црвено – Бело за Жива и Здрава Македонија

Текст напишан во 2012, објавен во книгата „Имагинариум“ во 2016 година.

м-р Никола Ристевски

Фељтон на ЛОЗА: Волшебна Македонија 7


Сподели