Волшебна Македонија (четврти дел) За Пеонија, Пајонија, Пæониа

Сподели

Фељтон на ЛОЗА: Волшебна Македонија

пишува: м-р Никола Ристевски

За Пеонија, Пајонија, Пæониа

Кандаон кандиса да светне со кандилото врз Канда

Кандаон им бил бог на војната. Кандаон е синоним за Орион, во некои извори и за Херакле. Пеонците, коишто живееле на овие простори, имаат монети со еден од дванаесетте подвизи на Херакле, оној со немејскиот лав. Ги има ко стрелци со криви лакови, силни војници на страната на Троја во Илијадата. Биле со Александар до Индија ко негова лесна коњаница, генералот Аристон се покажал ко ѕвер во битката кај Гавгамела, брутално сечејќи глави. Аристотел и останати древни умови пишуваат за некој огромен бик, бизон во реонот на Пајонија. Дропион, еден од последните управувачи на ретко спомнуватото племе, испраќа подарок до Пророштвото од Делфи, во чест на дедо му Аудолеон (којшто мистериозно поместил тек на река за да го скрие богатството пред да умре, навидум чудно наведена како Саргентиос) – скулптура, глава од бизон…

Пæонци, Пелагонци, Титани

Некои ги претставуваат Пæонците како колонисти од Фригијците (Бригите), додека други ги опишуваат како самостојни основачи. Кажано е дека Пæонија се протегала далеку до Пелагонија и Пиеријам, дека Пелагонија порано била нарекувана Орестија, дека Астеропај – еден од водачите на Пæонската експедиција во Троја не беше нарекуван Син на Пелагон без доброоснована причина, и дека Пæонците се нарекувале Пелагонци. Поради големината на овие карактери од минатото, Титаните исто така биле нарекувани Пелагонци…

од Географијата на Страбо

Обилните дождови и златото на Пеонија

Повеќе антички автори го имаат нагласувано огромното природно богатство на Пеонија. Информациите за благородните метали звучат неверојатно за денешната точка на перцепција. Во старите книги читаме дека кога во Пеонија паѓале обилни дождови, на мократа земја често се пронаоѓале огромни количества на злато кое само излегувало на површината. Некои од парчињата биле тешки од една до неколку мини. Плутарх и Квинт Куртиј Руф пишуваат за наградувањето на Пеонските јунаци од Владетелите со златни чаши. За богатството на Пеонската кралска куќа говори и податокот за позлатување и посребрување на роговите од огромните Пеонски бикови, кои потоа биле користени како чаши. Со децении по наездите од север и промените во управувањето на овие територии, Пеонската кралска куќа сѐ уште дарувала богати подароци на древните светилишта.

Древното рударство на Пајонија

Пеонците, Пеоните, Пајоните, Пајонците, Пеаните биле првите кои на овој полуостров ковале свои сопствени пари. Уште пред повеќе од два и пол милениуми. Богатата Пајонија и нејзините непроценливи скапоцености играла важна улога во древната доба. Изобилието со благородни метали, златоносните реки, рудниците за сребро и злато, железо, олово, цинк, бакар, лорандит…богатството на Пајонија е нагласувано од многу древни автори. Зачудувачки и „нереално“ за денешната „модерна наука“, старите извори сведочат дека „кога во Пајонија паѓале големи дождови, златото само излегувало на површината“. На измиената земја излегувале цели златни грутки…некои од парчињата биле тешки и до пет мини.

Аристотел за ѕверот од Пæонија

Овој бизон можел да се најде на планината Месапиум, а Пæонците го нарекувале „monapos“. Помасивен од бикот, на грб собирал по седум луѓе во седечка позиција. На главата повлакнест од коњите, со кафеаво – жолти влакна над очите; телото му било пола црвено, пола пепелаво-сиво, а роговите навртени навнатре, црни по боја, биле мали и не му користеле за самоодбрана. Поради косата која што му допирала до очите, погледот му бил концентриран на далечина и овозможувал добра прегледност, нозете му биле влакнести а опашката мала, налик на таа на бик, непропорционална со големината на телото.

Историја на животните, Аристотел

Реката Саргентиј и богатството на Пеонија

Поради раздорот во огромната Македонска империја, Пајонскиот владетел Аудолеон пред смртта се потрудил да го скрие богатството на овој древен народ. Се доверил на неколку од најблиските пријатели, кои искористиле заробеници за да ја поместат реката Саргентиос и да ги закопаат скапоценостите, книгите, технологијата и највредните нешта од ризниците во коритото на самата река. Потоа Пајонските војници ја вратиле реката во нејзиниот тек и ги убиле заробениците.

Диодор

Познато е дека пред крунисувањето, Пајонските владетели биле ритуално капени во водите на Саргентиос. До ден денес е нејасно за која река станува збор.

Фељтон на ЛОЗА: Волшебна Македонија 4

м-р Никола Ристевски

Избор текстови од книгата „Имагинариум“


Сподели