Волшебна Македонија (шести дел) Вечниот дух на Цар Александар и Македонија

Сподели

Фељтон на ЛОЗА: Волшебна Македонија

пишува: м-р Никола Ристевски

Александар Македонски и Република Македонија

Што всушност знаеме за нашите древни предци? Дали информациите кои ни се достапни во обичните образовни материјали и резултатите од основните археолошки истражувања се доволни за да се задоволиме со нивото на колективниот труд за спознавање на мистичните цивилизации кои живееле на овие простори? Не вреди да се дискутира што и кој е одговорен за моменталното ниво на јавното мислење. Како да не се повторат претходните грешки на нашата раса е она што навистина е важно.

Доколку ги набљудуваме најголемите примери на човештвото, лесно ќе го забележиме ликот и делот на Кралот над Кралевите, Кралот од Македон, Освојувачот на сè познато, Александар Велики (Големиот). Најголемиот меѓу живите од претходната ера на постоење, чие место на раѓање и вечно почивалиште се сѐ уште непознати. Она што се знае, е дека окото на јавноста е завртено кон споменување на датата на неговата смрт, наместо раѓање. Ова се споменува на повеќе места на земјината топка, во различни ситуации кога бил споменат Александар Македонски. Она што исто така е факт, е дека денешната цивилизација не познава никаков гроб, саркофаг или вечно почивалиште на Најголемиот Крал на Македон. Сегашната Република Македонија и Хеленската Република имаат недоразбирања во врска со правата на ова наследство повеќе од дваесет години, откако Република Македонија конечно ја доби својата независност.

Потполно е јасно дека откривањето на релевантни информации за древните цивилизации на Балканскиот Полуостров можат да создадат нов шаблон за разбирање помеѓу сегашните држави, затоа што стариот пат на терор, притисок и војна е само и само деструктивен – докажано и без потреба за негово усовршување, ниту повторување.

За гробот на синот на Филип Македонски и не треба многу да се зборува. Секое споменување на најголемиот цар на сите времиња претставува инвокација. Овде станува збор за светлина и темнина, односно суета или суетлина и теменина – она што ни доаѓа „од горе“. Дочекавме да имаме автопат, аеродром, споменици, училишта, улици со името на Александар Македонски. Но, сѐ уште немаме никаков празник, посветен на најголемиот цар на сите времиња. Можеби годинава е вистинско време за тоа, а логично би било празникот да е денот на неговото раѓање…

Вечниот дух на Александар и Македонија

Синот на Филип Македонски, најголемиот војсководец, освојувач и визионер во историјата на човештвото, Александар Трети Македонски, според официјалните историски податоци починал на 10/11 јуни 323 година пред нашата ера, во Вавилон. Околу четириесет дена пред да наполни 33 години.

Некои од историските извори ни пренесуваат дека откако кон крајот на мај ги извршил последните подготовки за враќање во Македонија, по една вечер со своите генерали (десетина дена пред да почине), легнал болен во постела и секојдневно бил со влошено здравје, за на кобниот ден да испушти душа. Според едни, умрел заразен од маларија, според други – бил отруен, но според некои – Царот воопшто и не умрел.

Квинт Куртиј Руф ни пренесува за деталното мумифицирање на телото на Царот. По мумификацијата, кога телото било посетувано од македонската војска, оставало впечаток како Александар сѐ уште да бил жив. За пренесување на неговото тело во родната земја, била подготвена специјална погребна кочија, којашто според изгледот била отсликување на големината на овој Македонец. Кочијата била 4 метри широка и 6 метри долга, изработена според македонската традиција, имала форма на храм чии столбови биле украсени со златен акантус. На секој од четирите рабови имало по една статуа од божицата Ника, и златен маслинов венец на стилизирана палма која стоела на врвот од покривот во форма на буре изработен од златни крлушки. Два златни лава го чувале влезот во внатрешноста на храмот каде во златен саркофаг лежело мумифицираното тело на Александар. Околу саркофагот имало четири слики, на првата илустрирација на Александар, заедно со неговите пријатели во борбена кола подготвена за борба, на втората биле претставени индиски борбени слонови подготвени за битка, третата била коњаничка сцена, и четвртата борбени кораби, исто така подготвени за акција. Златна мрежа го криела телото од завидливи очи, формирајќи треперлив превез кој го делел младиот човек бог од профаниот свет на смртниците. Диодор ни кажува дека биле потребни 64 богато украсени мазги кои ги туркале тркалата на кочијата, декорирани со лавови кои имале копја во нивната уста.

Различните верзии за погребната поворка на Александар Македонски ни кажуваат дека бил погребан во Мемфис или Александрија. Познато е свртувањето на погребната поворка од страна на Птоломеј и заменувањето на саркофагот со друг, полн со мед. Сѐ уште е нејасна улогата на мајката на Александар – Олимпија, и се поставува прашањето дали таа оставила нејзиниот син да биде погребан далеку од вистинската татковина – Македонија?

Постојат записи кои тврдат дека кога Александар починал, се појавиле два огромни орли кои го кренале на небото. Ова ретко се споменува во денешните написи за Александар Македонски, но во средниот век било претставено во многу книги и уметнички дела. Неговиот мавзолеј во Александрија бил посетуван од многу војсководци кои владееле по неговото време. Можеби и никогаш нема да дознаеме дали и од што умрел Александар, или дали воопшто умрел баш тогаш, затоа што четириесетте денови пред да наполни 33 години претставуваат важна симболика во многу древни мистерии и учења, дел од кои се зачувани и во денешните ритуали на некои тајни друштва и организации. Според повеќе традиции низ светот, на душата и требаат токму толку – околу шест седмици за да се прибере на оној свет. Денес, на повеќе локации на земјината топка, митолошки се споменува наводниот гроб на Александар. Грчката пропаганда имаше повеќе неуспешни обиди во пласирањето на тези за неговото божемно пронаоѓање. Локацијата на мавзолејот во Александрија каде што подоцна бил закопан Свети Марко, беше причина за приказна во еден современ роман, каде се тврди дека посмртните останки на Александар Македонски биле пренесени под катедралата на Свети Марко во Венеција (Стив Бери – Венецијанско предавство).

Поврзаноста на неговиот лик и дело со учењето на слободните ѕидари – масоните, беше овековечено во книгата на Радјард Киплинг – „Човекот што требаше да биде крал“, по којашто е снимен и истоимениот филм.

Во книгата на пророкот Даниел, од Еврејската Тора – Стар Завет/Свето Писмо (чијшто прв превод започнал под налог на Птоломеj пред околу 2,300 години – и е превод на демотско писмо, од петокнижие во четворокнижие – добропознатиот Септуагинт) пишува за малиот рог којшто израснал од четирите каде што се скршил големиот рог, кој се воздигнал до небото и бутнал на земја дел од ѕвездите небесни, па така ја одзел жртвата од секојдневното светилиште. Ужасот ќе траел уште две илјади и три стотини вечери и утра, тогаш Светилиштето ќе било очистено. Од смртта на Александар Македонски до денес имаат поминато околу 2300 години.

Македонскиот народ го опеал Александар во многу песни и преданија. И ден денес можат да се слушнат различни верзии за неговото вечно почивалиште. Се споменуваат повеќе локации – Беласица, големите Пајонски гробишта кај Исар Марвинци, Кочани, Овче Поле… Официјалната археологија и историја ги порекнува сите овие мистични тврдења на Македонците. Едно народно предание од Кратовско детално ја опишува погребната поворка со телото на Царот, која народот ја пречекал со многу цвеќиња на патот по кој се движела, пред да биде испратена на непозната локација некаде во Овчеполието… Останува да веруваме дека тогашниот свет, неговите најлојални војсководци – Пајонците и мајка му Олимпија се потрудиле да биде исполнета желбата на Царот – да биде погребан онаму каде што се родил – во татковината. Две илјади и кусур години по неговата смрт, сѐ уште одекнува неговото име, сѐ уште многумина учат од неговиот лик и дело, воената стратегија на Македонците се студира во најпрестижните универзитети во светот, а за Македонецот Александар се испишани можеби и највеќе листови хартија, воопшто во светската историја.

По борбата со странскиот фактор во почетокот на 90-те години од минатиот век, Република Македонија беше принудена да го смени знамето, па наместо Ѕвездата од Кутлеш со шеснаесет краци, да користи осумкрак симбол кој треба да симболизира сонце. Македонскиот народ дочека да има аеродром, автопат, училишта и улици кои го носат името на Александар Македонски. Логично е наскоро да добиеме и празник посветен на овој голем човек. Нема друг Македонски кој оставил поголема трага во светската историја, каков таков – наш си е, а со тоа и на целиот свет. Бидејќи поголемиот дел од современиот свет е преокупиран со неговата смрт, ние би можеле да го одбележиме неговото раѓање – роденденот му е за шест седмици од денес. Она што сигурно ни преостана во наследство од големата Александрова империја е начинот на којшто тој се однесувал со туѓите народи, потрагата по знаењето и древните мистерии, народните митови и преданија, и споменот за Александар, кој и ден денес инспирира голем број од Македонците кои се распрскани на различни делови од земјината топка. Она што сигурно не треба да го повториме, е расколот и однесувањето на неговите генерали по наводната смрт во Вавилон. Затоа што, таков Велик, Голем Александар, всушност и никогаш не умрел – неговиот дух останува да живее вечно за човештвото и Македонија.

Вечна памет.

Текстови напишани во 2014 и 2015, објавени во книгата „Имагинариум“ во 2016 година.

м-р Никола Ристевски

Фељтон на ЛОЗА: Волшебна Македонија 6


Сподели