Гоце Делчев за животот и слободата

Сподели

И јас можев да останам на должност, на работа и да ги тркалам дните и месеците еден по еден, да го мкнам животот, да се наведнам пред врагот, да теглам и да робувам. Но, многу читав и научив дека тоа е бесмислица и дека тој живот не е за мене. Уште во училиштето копнеев за слобода, а никаде не можевме да ја најдеме. А и значењето на животот не го гледав во тоа да јадеш, да живееш и да умреш. Тоа е исто како да не си се родил. Барав во книгите, трагав по минатото, во животите на другите. Многу читав, многу барав и најпосле видов место, каде човек може да си ја најде слободата за себе си, да биде безгранично слободен – тоа е…во висините при орлите. Таму, како нив, човек се чувствува себе си, и е независен.

Го барав и значењето на животот, и која е смислата да го дадам животот. Зошто да живеам, кога е подобро да се самоубијам, си мислев. Барав и читав. Читав и трагав по смислата на мојот живот. Ги отфрлав сите борби од секојдневниот живот. Не ми ласкаа ни натпревари, каде само се издигаш на грбот на другите за да стоиш над нив. Мислев и за многумина, кои си ги давале животите на разни начини и патишта заради доброто, заради убавото, за благото на народ, на татковина. Јас со своите слаби сили не можам да ги стигнам великаните. Разбрав, дека можам да дадам значење на мојот живот најлесно, најбрзо и најубаво, кога ќе слезам од орловите висини во село, каде што има несреќни, буквално несреќни, добри наши браќа, кои гинат и гнијат не во една неволја, не во едно ропство. Да идам при нив, да ги прегрнам во душата си, да ги стоплам со љубов измрзнатите им срца, да им кажам да не се караат, да не се судат, да не си пакостат. Да се љубат и да не одат по турски судилишта, сами братски да си ги решаваат споровите. Да не робуваат на беговите. Со раширени раце да ги пречекуваат јунаците кои оставиле се за да дојдат при нив, да им дадат поткрепа, за да отидат по сите села и градови и насекаде тоа да го учат и проповедаат..

Се колнеме не само да умираме – тоа е лесно, а да живееме и целиот си живот да го дадеме на тоа свето дело.

Спомени и мисли за Гоце Делчев, Климент Шапкарев 1934


Сподели