ЗА МЛАДАТА МАКЕДОНСКА КНИЖОВНА ДРУЖИНА

Сподели

Фељтон на ЛОЗА – „оКулт“
пишува – м-р Никола Ристевски

ЗА МЛАДАТА МАКЕДОНСКА КНИЖОВНА ДРУЖИНА

Македонската револуција и слободното ѕидарство (интро)

Колку биле тајни тајните организации во минатиот век, и дали сѐ уште не можеме да го препознаеме нивното влијание во македонското револуционерно дело? Познато е дека голем број од македонските војводи биле посветени во древните ритуали на слободните ѕидари, а и самите параферналии на Македонската Револуционерна Организација и те како се слични на симболите кои се користени од масоните ширум светот. Дури и паролата – Слобода или смрт е лозинка на степен во еден од редовите на слободните ѕидари.

Борбата за совршенство и тајното лозарско движење

Организираната македонска борба, апостолите на истата и тајноста при посветувањето на обичниот народ во Организацијата, несомнено имаат сродност со тајните учења и организации ширум светот. Пред повеќе од 120 години, во Софија била формирана Младата Македонска Револуционерна Дружина, која по нивното гласило – списанието ЛОЗА, добила име Лозари. Лозата, првата лоза, култот кон лозата, и повеќе симболики на ова древно растение се вткаени во мистичните и тајни учења од памтивек, па до ден денес. Сѐ уште е нејасно до колкава степен слободното ѕидарство имало влијание врз овие млади македонски книжовници, кои постепено не само што тргувале со оружје и контактирале со луѓе од различни земји поради нивното познавање на странски јазици, туку и почнале да влијаат врз образовниот систем на територијата на денешна Република Македонија.

Тоа Лозарско движење со јавното воведување на македонски правопис во тогашна Бугарија, а и со подземното делување на територијата од Охрид до Варна и од Солун до Виена, е една од најсериозните појави во организираното делување на македонскиот народ. Пишувањето под псевдоними во весници, објавување на книги и брошури на туѓи јазици, исчезнувањето на тајниот устав на Дружината при пожар на печатницата во Романија, прогонот на дел од членовите од тогашните власти, периодот кога во затвор била испеана „Послушајте Патриоти, да Ви кажам Словото“, се случувања од македонската историја на коишто допрва треба да им обрнеме внимание. Немаме што да изгубиме, а имаме многу да научиме.

Дваесет години по Младата Македонска Книжовна Дружина се појавило Младотурското движење, формирано по пример на други слични револуционерни движења како „Млада Италија“ , „Млада Полска“, „Млада Швајцарија“ и други со предзнак „млада“, а по урнек на парамасонското италијанско движење „Карбонари“. Дали ова македонско движење, а и другите различни здруженија кои работеле на менување на општеството во тоа време ни оставиле аманет којшто едвај можеме да го спознаеме?

Робовите се борат за слобода, а слободните за совршенство. Почитувана публико, сите патишта водат во подземна Македонија. Поздрав од Ложата на древната Лоза.


Текст напишан во 2012, објавен во книгата „Имагинариум“ во 2016 година.

Фељтон на ЛОЗА: оКулт 8

пишува – м-р Никола Ристевски


Сподели