Македонски народни обичаи – што правеле старите за да не паѓа град?

Сподели

Најраспространет обичај против град е неработењето на седумте четвртоци од Велигден до Спасовден. За овој обичај во Кривогаштани велат – Од првиот Величетврток до Спасовден, секој четврток не се работи во поле, ниту жените смеат да перат бело. Имало посебни луѓе кои пазеле да не се работи, Ако некој некаде работи, тогаш казната е ручек и пиење за сите луѓе кои одат по селото.

Во некои села биле многу построги. Во Горно Солње му се собира алатот на тој што работи, а во Радишани ако некој работи во четвртоците му го кршеле алатот. Во Мешеишта покрај тоа што не се работи во седумте четвртоци се пости, а на оваа тема во Пештани ни рекоа -За да не паѓа град во годината не се работи на Величетврток и сите следни седум четвртоци до Спасовден. Може да се лови само риба.

Во Логунци како поука за исправноста на обичајот се наведува следново – Порано не се работело на Величетврток за да градот не ги уништи полињата и родот. Со тек на време овој адет се занемарил и луѓето во тој ден работеле како и во другите денови. Но, една година градот ја уништил целата берба и оттогаш наваму повторно не се работи, а на селските слави Свети Илија и Свети Атанас летни се коли курбан на двата селски крста.

Во Челопек се наведува нивниот пример како поука за другите. Селаните велат дека секоја година го правеле обичајот светење масло, што во овој регион вообичаено се прави против сушата. Во една година не го направиле обичајот и летото целиот род бил уништен од град со големина на јајце.

Покрај другото, во Сопотница се препорачува – На Величетврток пирајка да не се чука, за да нема град таа година.

Во Говрлево се тврди дека ако паѓа град на зрната можат да се видат слики на коли, мотики, ножици, коси или слично. Со тие слики се кажува кој грев е направен за време на седумте четвртоци кои се држат за од град.

Во североисточна Македонија за од град не се работат 9 четвртоци, започнувајќи од Величетврток а последниот четврток се вика заклопи четврток (Стрновац, Витуница, Ранковце).

извор – Небото над Македонија од Ѓоре Ценев, МКЦ 2004


Сподели