Малата соба на баба Агнија во Штип

Сподели

„Беговите чифлигари во Овчеполијата беа внимателни кон селското население, затоа што имало случаи на жестоки одмазди…“

На времето баба Агнија беше тиха, мила и безлична Штипска женичка, забрадена со црна шамија, пргава како сите наши жени и неуморна во своите домашни работи. Но, откако Даме и Гоце се настанија да живеат во нејната куќа, таа тутакси се промени. Изминаа само два месеци, а промената веќе се гледаше. Доаѓаа еснафи, занаетчии, трговци, доаѓаа селани од Овчеполијата. Што бараше сиот тој свет во таа мала соба? Зошто сите доаѓаа во недоумица, а си одеа со дигнати глави и радосни? Гледајќи го сето тоа, баба Агнија се прашуваше и сама што ли се случува, но не умееше да си одговори. Но, нејниот женски ум разбра, дека тоа кое се прави во изнајмената соба од учителите, не е лошо…

Соседите на баба Агнија многу често набљудуваат како во пазарен ден, приквечер, во портите на баба Агнија влегува натоварено магаренце со прачки, водено од куц селанец во Овчеполска носија. Тоа е курирот, кој ја носи поштата на комитетот. Самарот на магаренцето е шуплив, и таму е скриено…Курирската служба на Организацијата беше многу тешка и многу одговорна. За курири се земаа најдоверливи и добро испитани луѓе. Курирот предводеше чети и пренесуваше оружје и пошта. Тргаа од Штип рано утрото, а околу полноќ стигаа во Ќустендил…

Откако здраво се организирааа во Овче Поле и Пијанец и се обезбедија канали до Ќустендил, дејноста се пренесе на југ и запад, отаде Вардар. И така, за брзо време се појавија борци кои го зачудија светот со своите подвизи. Еден настан пред портите на Битола како огромна бомба избувна сред безнадежната раја. Донката, од Овчеполското село Ерџелија носел бомби за Битолскиот револуционерен комитет. Товарен со ориз меѓу кои било оружјето, бил откриен од колџиите. Тврдиот комита ги истрпе сите маки, не спомна никој и не издаде ништо. Кога тоа го дозна народот, веќе нештата станаа поразлични.

Организирани и превоспитани од Овчеполскиот кнез, војводата Мише Развигоров, по Илинденското востание селата во Овче Поле и Штипско до Хуриетот беа вистинска крепост на Организацијата. Организацијата овде направи чуда. Турчин ноќно време не смееше да замркне на полето. Земјите и чифлиците на беговите и агите беа откупени и распределени меѓу населението, кое ја обработуваше земјата. Турскиот суд во Штип опусте, а место него народот си имаше свој, таен суд. Еден од најдостојните великани и маченици, револуционер, апостол и војвода, кој ја преобрази Овчеполијата и нашрави од доскорешните селски „момоци“ – имотни и самостојателни селани земјоделци е Михаил Развигоров. Тој бил ангел чувар, бил и насекаде и никаде, револуционер, учител, судија и духовник.

Петар Завоев, Град Штип, 1943


Сподели