Од спомените на Дамјан Груев

Сподели

По убиството на министерот Белчев во Софија во мене се породи за првпат идејата да работам за македонското дело. Едно 3-4 месеци пред тоа студентите Македонци во Вишата школа се нафативме да се организираме во име на идејата за самообразование и заемно влијаење. Целта ни беше: по завршувањето на учењето да си се прибереме сите внатре во Македонија, во која имаше голема потреба од сили на интелигенцијата. Сред тој наш тесен, интимен круг веќе се беше родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија. Бидејќи српската пропаганда веќе беше почнала да дејствува во Македонија,и ние поради тоа се наштрекнавме и дојдовме на мислата дека треба да се побрза да се постави на дневен ред идејата за ослободување на Македонија, пред да успее српската пропаганда да се зајакне и да го расцепи народот. Ние самите го испитавме врз себеси дејството на таа пропаганда. Во Скопје и во Солун истовремено имаше агитатори. Ни ветија стипендија и ни ја дадоа. И тогаш јас со уште неколку Македончиња отидовме во Белград. Тука можевме да ги согледаме српските намери од тоа што мошне се трудеа да ни влејат српска идеја, и да ни го натурат српскиот јазик, што уште повеќен не разгневуваше.

Во Софија повеќе меѓусебно се запознававме. Кога се токмевме да формираме „друштво“ (во тек беше изработка на правилник – статут). Се предвидуваше целите на друштвото да бидат научни, а всушност се подготвувавме да се собереме за идна револуционерна дејност. Токму тогаш дојде до убиството на Белчев. Последуваа апсења, – ме уапсија мене и Никола …

Мислевме да создадеме организација, по образец на Револуционерната организација во Бугарија пред ослободувањето, да дејствуваме по примерот на Ботев, Левски, Бенковски и сл.. Добро ја бевме проучиле таа организација. На пример, записите на Захариј Стојанов ни повлијаеја, па и воопшто дотогашната бугарска револуционерна публистика. Бевме се запознале и со историјата на српските движења.

Уште во текот на летото во Битола ја формиравме Дружба, а и пристапивме кон изработка на устав, но тогашниот архимандрит, сегашниот владика Козма беше научил за тоа, и успеа да разочара некои од другарите, па така се оневозможи натамошното јакнење на Дружбата…

Меѓу целите, што си ги поставуваше таа група, освен револуционерната идеја, што требаше да се всадува и шири под скришна форма, да се зајакнуваат можностите за популаризирање на идејата, и дазакрепнуваат и врските меѓу интелигенцијата, се токмевме да создадеме една околиска заемна библиотека за сите што го сакаат тоа…

Се служевме со хемиско мастило, со псевдоними. Комитетот веќе почна редовно да дејствува како централен. Мрежата на месните комитети се зголемуваше. Почнавме и да повикуваме доверливи лица и од некои подалечни места, за да ги посветиме во делото. Тогаш почнавмеда издаваме и хектографиран весник, што се испраќаше по сите околии. Имаше веќе и „канали“…

Почетокот на „Братството“ во Солун се совпаѓа со последниот период на мојот престој со служба во Солун и со моето отпуштање…


Сподели