ПСИХОАНАЛИЗА НА АНТИКВИЗАЦИЈАТА

Сподели

Антиквизацијата во Македонија е еден погрешно поместен дискурс од страна на транзиционата левица, во име на една опортуна политичка стратегија која во „фаталната“ непромисленост создава огромни штети за националниот интерес на Македонија, за балканскиот интерес и за интересот на универзалната човечка култура. Прашањето на „антиквизацијата“ не е и не треба да биде политичко прашање. Тоа е прашање за културата, Историјата на уметноста и психоанализата. Всушност се работи за една специфичност во областа на културата и историјата на уметноста што се појавува кај одредени пост-комунистички народи од Евроазија, а која поради историскиот контекст отстапува од европскиот културен main stream.

Имено овие нетипични во развитокот култури доживуваат историско – културолошки потреси непознати за онаа позната Европа, Европа со цврсто изградени скоро авторитарни идентитети. Сите овие земји со дисторзиран идентитет и со „сомнителна“ култура (според европските критериуми) излегуваат како нации – држави од распадот на Турската империја, кој се одвива од средината на деветнаесеттиот век и трае се до Првата светска војна. Тие држави (претежно од Балканот) што успеаја да се конституираат во средината на деветнаесеттиот век, имаа доволно време: тие 7-8 децении, до етаблирањето на модерната, да ја дизајнираат својата новосоздадена фолклористичка култура полна со ориентализам, во насоката на европските културни манири. Европскиот нововековен културен идентитет почнува со ренесансата. Ренесансата почнува со интересот за античката култура (значи еден вид антиквизација). Таа европска културна „револуција“ почнува уште во XV век и трае се до крајот на XVI век кога во западна Европа започнува уште еден значаен културен период – Барокот. Барокот е една всушност издраматизирана и развеана ренесанса која дивергира во два основни правци:

-Декоративноста (како глобално движење)

-Реализмот (како предвесник на индивидуализмот)

Тоа е исто така (XVII-от век) време на колонизација на новооткриените континенти и период на значајно богатење на европските градови во кои веќе се појавува капитализмот во својата рудиментирана форма. При крајот на XVII-от век она што го почна ренесансата пред два и пол века во Италија стана општа карактеристика на европската култура. Уште два века во Европа ќе се развива култот кон ренесансниот идеал на повесел или потраорен начин, поминувајќи ги рококото, класицизмот, романтизмот, реализмот и кога конечно во Франција (водечката европска култура од средината на XIX век) се појавуваат Барбизонците, како еден вид блиски предвесници на импресионизмот, во југоисточна Европа имате создавање на неколку нови култури што френетично се обидуваат да ги брендираат своите нации – држави. Овие балкански држави не партиципираат во европските културни текови повеќе од четири и пол века, некои дури и пет векови…

Сите овие народи окупирани од Османлиите уште во периодот на доцниот среден век немаат никаков културен просперитет во контекст на европскиот. Тоа се култури изолирани од остатокот на Европа за пола милениум, и сега во времето на импресионизмот, овие култури работат со полна пареа на својата европеизација; или подобро – на својата антиквизација, рапидно напуштајќи го феудалниот доцно – византиски и фолклорно – ориентален стил и вртејќи се кон ренесансните вредности во тоа време втемелени во буржоаскиот реализам со дискретна доза на античка арома, тие држави создаваат основи на европеизмот и европскиот сентимент во својата културна историја.

Оваа „антиквизација“ што се врши во културите на новосоздадените нации во југоисточна Европа е последниот бран на антиквизација што ја опфаќа европската култура пред појавата на модернизмот (почеток на XX век). Тоа е една среќна околност за овие земји во целата трагична судбина на балканската култура во новиот век. Но има и народи како македонскиот, кои својата „сувереност“ исто така ја губат (како и останатите народи од југоисточна Европа во XV-от век) со доаѓањето на Турците во Европа, а се ослободуваат (добиваат државност и полноправен национален идентитет) од колонијализмот (по турскиот во балканските војни) на новосоздадените балкански држави (сега веќе етаблирани и амбициозни за нови територии) дури со завршувањето на Втората светска војна.

Значи имате народ чија култура од доцниот среден век (така е презервирана и конзервирана повеќе од пет века) се буди во највехементниот модернизам од средината на XX век, кога доминантниот естетски правец во западната уметност е апстрактниот експресионизам. Џексон Полок и Вилим де Кунинг се среќаваат со живописците од доцната Византија, парадоксална културна позиција. Една од најпарадоксалните позиции за македонската култура е тоа што нејзиното осамостојување (во политички смисол) всушност се остварува во комунистичко – тоталитаристички услови. Деформираната од идеолошки притисоци „антиквизација“ (или европеизирање во контекст на ренесансните вредности) добива краток и не многу впечатлив простор во новоформираната македонска култура со социјалистичкиот реализам. Дури и оваа комунистичка „антиквизација“ на македонската култура и даде мал европски гламур – колку и гротескно да делува во споредба со вистинските длабоки и студиозни антиквизации на европската култура од минатите векови. Но веќе при крајот на 40 -тите КПЈ и Советите запаѓаат во конфликт (Информбиро) кој југословенската (македонската) култура ќе ја приближи кон западните културни трендови. Така модернизмот на голема врата влегува во југословенската (македонската) култура и дефинитивно го потиснува и изолира соцреализмот, создавајќи уште попарадоксална ситуација во македонската култура. Недоволно експлоатираниот соцреализам не може да создаде цврста реалистичка база за модернистичката конструкција.

Овој македонски новоизникнат модернизам, е тешко прифатен од традиционалниот пост-византиски и ориенталистички културен менталитет на народот. Всушност македонскиот народ и неговата чорбаџиска буржоазија е културно „превоспитувана“ по брза постапка: културата се централизира од владејачката партија која создава институции од културата и културни експерти (по идеолошки терк) кои треба да водат културни политики во согласност со најновите културни текови во европската и светската култура. Тој период на интензивно модернизирање и вестернизирање на македонската култура од времето на СФРЈ кој се должи на историскиот раскин на Тито и Сталин, од народот е доживуван како неразбирлив, езотеричен, збунувачки па дури и иритантен.

Така одеднаш добивате неверојатен апсурд: една сосема анархична и револуционерна уметност да се спроведува од страна на државата преку нејзините институции, а традиционалниот европски „антиквизиран“ академизам да се доживува како контрареволуционерен и реакционерен, ретрограден и анти-народен стил и начин на размислување во творештвото.Набрзо нај парадигматичните творци во државата беа оние што најбрзо и најконсеквентно ќе ги преземеа и применеа најновите „естетски експерименти“ од западноевропската и северноамериканската авангарда.

Модернизмот и македонската комунистичка елита станаа иманентни по сопствените естетички визии и по сопствените општествени позиции. Одеднаш добивате општество во кое западноевропскиот и северноамериканскиот андерграунд и алтернатива стануваат култура за македонската комунистичка елита. Ваков апсурд е непознат и за најпарадоксалните холивудски пародии. Но во македонската култура се до падот на комунизмот ова беше реалност. Секако дека сите овие вредности од Западот беа претходно афирмирани (пред се на самата западна сцена) во матичните култури, потоа рециклирани од југословенската „авангарда“, па анализирани и селектирани од институционалните експерти па воспоставени како вредности, проверени и достојни за естетскиот вкус на елитата.

Колку да се види сосема помодарскиот карактер на културната диоптрија на политиката, или пак пенетрантноста на политичкото во сите општествени сфери па и во културата која го претставува (барем симболички) азилот на слободната мисла… Но настрана од овој лакановски светоглед, македонската и југословенската модерна во себе ги содржи најинтересните и најкреативните уметнички дела во целиот балкански регион. Додека сите соседи впрегнати во соц-реалистичкиот лагер тонеа во една анти-утописка „антиквизација“ на „идоли“, македонската (југословенската) авангарда создаваше една сосема синхронизирана креативна визија со другите прогресивни културни центри во светот. И сето ова благодарејќи им на екстраординарните способности на уметниците од тоа време. Ова покажува дека и кога политичката елита „глуми“ интерес за уметноста – уметничката продукција расте. Всушност глумата со време преоѓа во вистински интерес и од оваа интензивна комуникација произлегува период на плодна и квалитетна креација.

Но овој квалитет им беше непознат и далечен на масите, кои ненаоѓајќи соодветни културни парадигми и интереси во институционалната (елитна) култура, сето ова време развиваа естетски култ кон еден застрашувачки аутистичен фолклор. Тој фолклор беше сеприсутен (фолклор на пивото и фудбалските мечеви)… А неговата нападна вулгарност создаваше квантуми грдотија што ни еден институционален проект не можеше да ги затскрие. Дури и во „ретардираните“ култури од Варшавскиот блок немаше вакви потопи од шунд.

Претпоставувам дека ваквата „раздвоеност“ на „културите“ на „елитата“ и „плебсот“ се должи на отсуството на академските – препознатливи вредности кои би ја заинтересирале толпата и која барем делумно би ја привлекле кон институциите на културата.

Дури и кога ќе направите анализа на бившо – југословенската културна стратиграфија, ќе видите дека колку во една култура (како културна зона) имало подолг период на „антиквизација“ (во Словенија, Хрватска) толку псевдо-фолклоризмот помалку доминираше а авангардните сфаќања беа далеку повлијателни. Од друга страна пак изворниот фолклор и древните уметнички вештини и знаења беа брутално потиснати од оваа нео – фолклористичка „псевдокултура“. И така во оваа и по хоризонтала и по вертикала дисконектирана култура, почнаа да се случуваат најчудните шизофрени процеси, кои понекогаш даваа неверојатно инвентивни и зачудни резултати.

Во оваа зона на културен хаос почна да се создава и еден автентичен андерграунд – носител на сите алтернативни културни промени во последните неколку децении од постоењето на СФРЈ. Тоа беше појавата на постмодерната на ова подрачје, а оваа култура се создаде во опозиција на институционалната (елитна) култура. Но постмодерната беше уште „пострашна“ и понеразбирлива за масите. По распадот на СФРЈ културните процеси ги зафати воена психоза. Културните институции дотогаш стимулирани од елитата сега почнаа да пропаѓаат, следејќи ја пропаста на истата политичка елита што ги поддржуваше.

Одеднаш на политичката сцена почнаа да се појавуваат политички партии со популистичка стратегија за привлекување на масите. Оваа борба за гласачи го симплифицираше политичкиот говор и културата, а во обид партиите да им се приближат на масите новите политички елити ретардираат во својот естетски вкус до нивото на новокомпонираниот псевдо-фолклорен шунд. Така културата во Македонија ги доживува своите најдраматични и најхаотични периоди во последните пола век.

Гледано од дистанца, овој навидум хаос е всушност мачен емпириски процес на приближување на културниот дискурс на новите политички елити со оној на народните маси. Отпрвин анархичен, заканувачки и ентрописки, овој процес на хармонизација помеѓу волјата на масите и на политичките елити почна да поприма форма на кооперативност, посебно на ниво на десницата која се уште во себе ја немаше онаа елитистичка и рафинирана визија за културата како авангарда (од „западен“ происход).

И тука почнува антиквизацијата во Македонија. За прв пат политичката елита и широките народни маси имаат идентични културни преференции и визија. Кај масите тоа е порив по „препознатливост“ и себереализација во митолошките сфери. За политичките елити тоа е одбележување на моќта и брендирање на националниот идентитет. Оваа антиквизација е всушност потсвесна желба на една култура (македонската) да го компензира културниот израз, кој го нема. Да го надополни оној така значаен период од европската уметност во која се создаваше круцијалниот вредносен систем на европската цивилизација – онаква каква ја познаваме во последните неколку века и која стана неодминлива културна парадигма на општо – светско ниво. Без оглед на анахроноста на процесот на антиквизацијата, таа станува актуелна со правото на глас на граѓаните.

Александар Станковски


Сподели