Фељтон на ЛОЗА – оКулт: Тајните друштва и јавното мислење

Сподели

Фељтон на ЛОЗА – „оКулт“
пишува – м-р Никола Ристевски

Тајните друштва и јавното мислење
(текст од еден слободен Змеј)

Од што нè одвлекуваат медиумите, што би можеле да научиме ако читаме историја, различна од таа којашто се учи во образовните институции и бараме информации од други извори, наместо насила наметнатите привидно важни вести од средствата за масовно информирање? Јасно е дека кога две страни се расправаат, третата користи. Доколку ова го аплицираме на една држава или целата планета, ќе се увериме дека, всушност, е потполно точно. На пример, банките коишто овозможуваат заеми на завојувани страни, имаат најголем интерес за војната да не заврши особено брзо. Луѓето коишто не се заинтересирани за древното знаење и прифаќаат само информации што ни се предложени од официјалните институции, не умеат да видат никаква поврзаност помеѓу нештата коишто ни се случуваат пред очи. А за нешто да се скрие, најдобро се прикрива кога се наоѓа насекаде околу нас. Или за да се оттргне вниманието на широките маси од определена ситуација, дејствување, цел или енергија, најлесно е истите да се уверат дека тоа коешто треба да биде прикриено, всушност не постои.

Револуциите по целиот свет се управувани од тајните друштва. Комунистичките идеали и Октомвриската револуција се дел од светскиот план за разделување на планетата. Востанијата против овие системи најчесто се задушувани во крв. Малкумина можат да спознаат дека сѐ што направил Карл Маркс, всушност е модернизирање и кодифицирање на истите револуционерни планови и принципи коишто претходно се напишани од Адам Вајсхаупт. Наводното згаснување на неговото тајно друштво и ден денес е сомнително, со оглед на тоа што учењата на истото одиграле голема улога во ослободувањето од монархиите, а денешната ситуација само потврдува дека целите и задачите поставени пред неколку векови се на добар пат кон нивното конечно остварување. Во канџите на светскиот заговор паѓа држава по држава, и тоа ќе продолжи сè додека не се оствари владеењето на определени структури врз целата земја. Загадочните слободни ѕидари, наречени масони, се наоѓаат насекаде по планетата. По осамостојувањето кај нас се регистрирани масонски ложи, кои официјално се занимаваат со дејности кои имаат за цел да помогнат на општеството во целина. Голем број политичари, бизнисмени, уметници, лекари, писатели, судии, адвокати, трговци, професори, членуваат во масонски ложи или парамасонски организации. Но, и помеѓу нив постојат недоразбирања, па така официјално постојат две големи масонски ложи, неофицијално уште неколку, а јавноста не е запозната со бројот на големите ложи на парамасонските организации. Уште од дамнина, членувањето во масонските ложи било дозволено само за мажи, но откако жените добиваат еднакви граѓански права, и тие можат да бидат дел од овие структури и организации. Соочени со разделбите, борбите за превласт и влијанијата на личното его и суета на голем број од посветените, имаме за право да се надеваме дека организациите во коишто членуваат и дами, можат повеќе да помогнат на општеството, отколку оние во коишто членството се состои само од припадници на машкиот пол. Затоа што, со својата развиена десна хемисфера, жените и те како можат да повлијаат за подобра иднина на целото општество, а и да донесат ред онаму каде што мажите не умеат. Бидејќи во секој хаос постои скриен ред.

Тајните друштва се господарите на развојот на цивилизацијата. Нивната улога во формирање на општествата е повеќе од очигледна. Дури и најмоќните држави во светот се управувани од елити во сенка. Од јавноста се прикриени зад платформи што ветуваат благодети за луѓето, единство на нацијата, проповедаат верност, преданост и политичка независност. Или накратко – национализам смешан со мајата на популизмот. Во историјата на човештвото постојат повеќе примери за лидери коишто ги усвитиле главите на луѓето, ветувајќи какви ли не удобства и благодети, за подоцна да овозможат смрт дури и на повеќе од оние кои што ги излажале. Тајните друштва многу често инвестираат во политички интриганти, коишто се лесни за управување. Ленин, Троцки, Хитлер, Пиноче и многу други примери, се продукт на финансирањето на тајните друштва. Таквите лидери се одгледувани, учени и советувани од мали затворени кругови на масони и илуминати. Денес светот не е многу поразличен од минатите векови, и иако се менуваат технологиите, инструментите за контрола на масите се истите. Малкумина ќе се сетат дека во 1939 година, министерот за пропаганда на Третиот Рајх дава наредба да се промени фрекфенцијата на тонот Ла. И покрај негодувањата на илјадници музичари од тоа време, фрекфенцијата на овој тон е променета од 432 на 440 херци, па така влијанието на Гебелс нè прогонува до ден денес, оневозможувајќи да се зачува вибрацијата и хармонијата на вселената. Или овозможувајќи на оние коишто се свесни за истото, зависи од гледната точка. Многумина од денешните владетели, кои упорно тврдат дека се испратени од Бога, а всушност се само дел од куклениот театар на политиката, мислат дека Гебелс е татко на пропагандата, не обрнувајќи внимание (незаинтересираноста кон делувањето на значајните личности од човечката историја е разбирлива кога станува збор за луѓе од ваков калибар) на Едвард Бернејс и неговата книга – Пропаганда. Таму убаво пишува од кога за првпат се користи овој збор, кој денес најчесто се поврзува со секакви различни значења, а најретко со вистинското.

Терминот Нов Светски Поредок јавно е користен од сите американски претседатели, од Никсон па наваму. Според голем број на автори коишто пишувале во минатите векови, но и според наши современици, милијарди луѓе на планетата живеат во илузија, а пред нашите очи политичарите свесно или несвесно го остваруваат големиот план за светско владеење. Уште од најдревни времиња, тајните друштва ги користат владетелите, денес политичари, за да управуваат со планетата. Денес, на почетокот на 21 век, стратегијата стига до својот крај, и следната цел на новиот светски поредок е централизација на власта, загушување на секаква критика кон системот и продажба на сѐ што може да се дефинира како продукт. За жал или среќа, времето ќе покаже, терминот нов светски поредок денес најчесто се разбира како нешто што започнало од скоро, а повеќемина не умеат да спознаат дека начелно новиот поредок започнал уште пред неколку векови. Примерите во историјата, којашто не можете да ја прочитате доколку сте ограничени од она што е овозможено во образовните институции, јасно говорат за случаи во човечката историја кога бил воспоставуван нов поредок, нов ред.

Дали и колку е опасно слободно да се говори за слободното ѕидарство? Каква тајна организација е тоа, кога во САД храмовите се отворени за посетители? На нашите простори да се претставуваш како масон е повеќе параван за полесно комуницирање во високите кругови, тврдат слободни ѕидари коишто се наши современици. На Балканот постојат најмногу масони на 33-та степен по глава на човек, што е доволен податок за сериозноста и причината за членството на голем број од посветените во ложите. Борбата за материјална превласт е присутна и во овие организации, и личните суети оневозможуваат истите да дојдат до позиција од која би поттикнале промени на подобро за сите граѓани. Во старите демократии е сосема нормално јавното делување на овие друштва, но во нашата млада држава сѐ уште постои неверување и игнорирање, дури и на постоењето на истите. Дали современата масонерија претставува средство за влијание врз политиката? Критичарите на оваа конспиративна теорија тврдат дека во масонското учење нема ништо таинствено. Масоните кријат древни знаења, коишто не се достапни за останатиот дел од човештвото. Уште во 19 век во некои весници и книги пишува дека масоните се поклонуваат пред мрачни и злобни ентитети. На многу места може да се прочитаат различни толкувања за прстенот на Алберт Пајк. Голем број од критичарите често знаат да посочат дека овие организации преку нивните највисоки редови се повлијаени од злобни цели и намери. Но, до колку е тоа точно, знаат само посветените во највисоките нивоа, затоа што почетниците најчесто и не умеат да ја видат големата слика на делувањето на друштвата во кои членуваат. Ритуалите на тајните друштва се опишани во книги, кои денес се достапни и за широката јавност. Но, знаците за препознавање, тајните зборови и сигнали остануваат тајна за непосветените во овие древни учења. Носењето на беџови и прстени насекаде, за да се истакне членството во определена структура, е одлика на оние коишто парадираат со нивното членство, а искрените и чесните припадници на тајни друштва секогаш внимаваат каде и на каков начин го споменуваат учењето во кое се посветени, а параферналиите ги користат само и само онаму каде што има потреба од тоа.

Дури и поимот Илуминати во средствата за масовно информирање е изместен од вистинското значење, па наместо да ги читаат извештаите на Римскиот Клуб, голем број од заинтересираните за овие теми претпочитаат да гледаат видеа на интернет и да читаат мали статии со сомнителна содржина, достапни на огромниот број блогови, портали и сајтови. Вниманието од опасните настани, случувања и содржини, најлесно се одвлекува доколку истите ни се апла пред очи, па иако се очебијни, се зголемува неумешноста да се спознаат и видат во вистинското светло. Симболите се насекаде околу нас, ни бодат во очи, а ретко кој умее да сфати дека тие истовремено се езотерични и егзотерични. Накратко – обзнануваат повеќе значења, само за да го прикријат вистинското, кое, сепак, работи во полза на малиот број живи луѓе коишто со своето постоење придонесуваат за подобра иднина на целото човештво. Игнорирањето не е благослов, средствата за масовно информирање ни прскаат црн металик спреј врз третото око, при три очи, сепак, повеќето се ќори, а продолжува недовербата кон четвртото – окото на душата. Борбата за нашите умови, тела и души се случува секојдневно, и покрај нашето игнорирање на истата. Поганоста на умот и телото и гнасењето на истите се секојдневна одлика на човечкиот род. Она што до некаде останува чисто е душата на човекот. А таа не смее да се меша онаму каде што не и е место.

Многумина од луѓето на новиот век немаат поим за темната страна на месечината и за ерупциите на сонцето, а самата светлина за „модерните“ претставува она што доаѓа од светилките, светлечките реклами, халогенки, билборди и слично. Уште пред векови, Леонардо да Винчи пишувал за различните видови на сенки, и за тоа како сѐ што гледаме, всушност е игра на светлина и сенки, а предметите ги гледаме поради начинот на којшто светлината се одбива од нив, што зависи од густината на истите. Густата материјалност на овој свет многу добро е опишана и во учењето на Богомилите. Исак Њутн успеал да покаже и докаже дека светлината всушност е спектар од бои, што може да се види преку неговата призма. Начинот на кој го гледаме светот е повлијаен од колективната свест, но сепак, потсвеста упорно се труди да ни покаже дека виножитото всушност е во окото, а не на небото. Старите легенди говорат за богатството кое се наоѓа на краевите од виножитото, што укажува дека, всушност, богатството е во секој од нас, а тоа е светлината којашто нѐ одржува во мракот на секојдневното битисување. Во почетокот беше мртвата точка, а првичност беа само силата на создавањето и силата на разрушувањето.

м-р Никола Ристевски

Фељтон на ЛОЗА: оКулт 6

Текстот е напишан во 2015 и објавен во книгата „Имагинариум“ во 2016 година.


Сподели