„Ако не исчезнам, ако не побегнам од сè…“ – интервју со Тоде Новачевски

Сподели

Здраво живо, г-ине Новачевски. Ви благодарам за овозможената прилика за интервју. Се надевам дека со нашиот разговор ќе ги заинтересираме читателите на оваа страница (ЛОЗА).

На јавноста сте ѝ познат како автор на многу текстови и мелодии и аранжер на песни кои оставија трага во македонската музичка историја. Како започнавте да се занимавате со музика?

Музиката во моето семејство има посебно место од моја најмала возраст. Најпрво преку песните и гајдата на мојот татко Владе и кларинетот на неговиот најмал брат Петре, па сè до хармониката, со која како самоук ги свирев и пеев моите први омилени песни и ора.

За мојот развој како музичар голем придонес имаат професорите од музичкото образование, најпрво од Битола, а потоа и од Скопје, каде дипломирав на Факултетот за Музичка Уметност на два отсеци – Наставно теоретски и Композиција. Иако без никакви претензии, моето средно и високо образование (на мое изненадување) ги завршив со највисокиот просек во генерацијата, од која произлегоа голем број квалитетни музичари и педагози.

Кои музичари ви биле пример и инспирација?

За мојот развој како музичар, композитор и личност, во времето на студиите во Скопје голема заслуга имаат Тома Прошев (мојот професор по композиција, а подоцна и кум), Томислав Зографски, Михајло Николовски и многу други музички професионалци, композитори и продуценти, кои беа пресудни за мојата наобразба и ориентација, како во музиката, така и во погледот кон сè останато.

По што ги паметите последните децении од минатиот век?

После дипломирањето, за жал на моите родители, останав да работам во МБУЦ во Скопје, каде предавав главни предмети на генерации на кои беше задоволство да се предава.

Моите први излети во забавната и народната музика беа одраз и на околностите во мојот приватен живот, па затоа не случајно првите композиции ми беа поврзани со неколку личности без кои најверојатно ќе останев композитор само на посериозна музика. Тие личности беа – Кокан Димушевски од Леб и Сол, Славе Димитров и најмногу сестрите Маријана и Росана.

Се испостави дека од соработката со нив, во периодот од 1987 до 1992 година и заминувањето во Австралија, произлегоа композициите и песните за кои со Маријана и Росана добивме најмногу признанија, награди и внимание. Едно срце имам, Ако не исчезнам, Свири ми брате цигане, Љубов, Око мое и многу други мои песни излегоа токму во периодот кој мене лично ми остана како најубав и најплоден во животот.

Колку време не живеете во Македонија?

Во 1992 година, среќата и судбината нè однесоа со Маријана и синот Филип на привремена работа и престој во странство! Велам „привремена“, затоа што јас лично немав ни една причина да заминам од земјата која ми даде бесплатно образование, убаво работно место, можност да градам кариера како педагог и композитор, признанија и награди како ретко кој од моите генерации, а и државен стан, добиен неколку месеци пред заминувањето во Австралија. Немав ниту една здрава причина, но од среќата и судбината не избегал никој, па не избегавме ни ние! „Привремениот престој“ од една година ни остана само неостварен план и сон, па се претвори во 28 годишен период исполнет со живот кој нè оддалечи од своите семејства и од музиката, песните, фестивалите, а на крај и од спокојот и среќата во самите нас. Затоа, за неколку години од доаѓањето во Мелбурн, Маријана се откажа од пеењето, а јас од идејата дека ќе најдам работа во својата професија, иако во оваа земја стигнав со две нострифицирани дипломи.

Како живеат нашите таму ?

Според моите сознанија и искуства стекнати овде, за Австралија имам и позитивно, ама и негативно мислење. Позитивно, затоа што е прекрасна земја, богата со природни убавини и ресурси, руди, минерали, плодно крајбрежје, неколку убави светски градски метрополи со средена инфраструктура, 30ина илјади океански, морски и езерски плажи и систем кој барем ги заштитува основните човечки права на населението. Позитивно е тоа што и домородците кои се околу 3% од тоа население (околу 760 илјади) и ние Македонците кои сме околу 97 илјади и сите други повеќе од 200 народности, сме со еднакви права и слободи, но и со иста обврска да се повикуваме на австралиските закони. Но, секое лице има и своја опачина од која голем дел од народот овде ја трпи негативноста на оваа реалност. Додека една третина од населението ужива во убавината и богатството, тоа го прави на грбот на другите две третини. Втората третина работи и се задолжува за да ужива, а голем дел од населението работи и се задолжува за гола егзистенција, се наоѓаат на работ на сиромаштијата многу често на крајот на својот работен век, без никаква шанса да ја видат, а камо ли да уживаат во убавините на Австралија. Во третите (околу 7 милиони емигранти кои ја сочинуваат тукашната работна класа), спаѓаме и ние Македонците. Затоа, најголемиот број од нас овде имаме малку повисок стандард од вас таму, но многу позатворен начин на живот. Многу позатворен, затоа што сме робови на капиталот на една третина од населението која со право може да тврди дека Австралија е навистина и прекрасна и богата.

Дали уште се занимавате со музика?

Веќе 20ина години со музика се занимавам само повремено. Мојата енергија, мотивација и простор за музика ми ги поремети работата во ноќна смена во австралиската безбедност. Сепак, и во овој период имам создадено музика и песни кои засега барем немам можност да ги реализирам.

Што мислите за македонската музичка продукција во 21 век?

Верувам дека преку медиумите и моите контакти имам стекнато добар увид во трерндовите на музичкиот живот кај нас. Според мене, во новите генерации имаме квалитет кој е многу блиску до врвот на Европа и доказ дека со музичката уметност сме многу понапред од другите работи. Со поединци како Маестро Симон Трпчески и помладиот Дино Имери (во сериозната музика), Тоше Проески и наследничките Антониа и Мартија (во забавната) и сè подобриот квалитет на поединци од поновите генерации и во народната музика, верувам дека имаме добра причина да сме задоволни и да се радуваме. Сепак, додека во периодот на последните 30 години Македонија е расадник од кој никнуваат исклучителни поединци, во исто време имаме огромен квантитет, односно „уметничко“ ѓубре и во забавната, а уште повеќе и во народната музика. Тој квантитет е најмногу последица на претходниот период, во кој создавањето на популарна музика кај нас беше дестимулирано, па и забранувано.

Како ги доживувате случувањата во Македонија гледајќи ги од толку голема физичка далечина?

Во однос на ситуацијата во Македонија и јас, како и најголемиот дел од нашиот Македонски народ, сум тотално разочаран од актуелната политика на власт и од опозицијата која е разединета до тој степен, што всушност ѝ ја олеснува агендата на власта, иако се колнат дека се против „северна“, двојазична држава. Свесен сум дека како иселеник кој е отсутен скоро три децении, немам право ни да коментирам, а камо ли да критикувам било кој и било што во Македонија, но во моментот кога политиката излезе од своите рамки и ги загрози интересот, волјата и идентитетот на мојот Македонски народ, сметам дека имам право и должност да реагирам и со гордост да го бранам како своето лично потекло, така и потеклото на мојот народ. Од моментот кога власта почна со измами, со манипулација на референдумот и промена на Уставот да го оспорува нашето име, политиката повторно се посрамоти.

Резултат со слика за goce del;ev

Под сликите од спомениците на Царот Александар и Светите Кирил и Методиј и Гоце Делчев ги додавам и сликите на мојот татко Владе, дедо Спасе  и прадедо Тоде, кои се мој личен доказ (поголем од сите докази во историските книги и документи) дека и мојата лоза и моето име има исто потекло како и сите други познати и непознати Македонци – Македонско потекло.

Ако со мојата лична генеза и семејно предание и по татко и по мајка сум Македонец, со кое право власта и нејзините истомисленици ни го оспоруваат тој факт и мене и на народот кој се поистоветува со тоа име!? Со диктатура над тоа основно човечко право не се влегува ни во ЕУ, ни во НАТО, ниту пак било каде, туку се излегува од здравиот разум.

Дали би сакале нешто да им кажете на читателите на ЛОЗА за нашата Македонија?

За читателите на ЛОЗА, поздрав со мојата прва слика, кога на битолската станица со солзи на очи ја пеам песната „Проклета да е Австралија“. Со желба за среќна нова 2020 година и Божиќни празници, имам и неколку тривијални, но за мене вистинити пораки до сите кои што го читаат ова интервју.

Ни среќата, ни поубавиот живот не се купуваат со пари, а подобриот материјален стандард на запад ни оддалеку не значи подобар живот.

Сиромаштијата на запад е навистина помала, ама долговите и робувањето се многу поголеми.

Не тргнувајте на пат од кој нема враќање! И верувајте ни кога ви кажуваме дека 90% од нас сакаме да се вратиме во Македонија, но не можеме! Зошто? Не дај Боже и вие да искусите!

ЛОЗА интервју декември 2019

Разговор со Тоде Новачевски, прашања – Никола Ристевски.


Сподели